Американското ФБИ денеска обвини хакери поврзани со Северна Кореја за најголемата кражби на криптовалути, откако крадците украле етереум во вредност од речиси 1,5 милијарди долари од компанија со седиште во Дубаи.
Хакерите „брзо се движат и конвертираа дел од украдените средства во биткоин и други виртуелни средства кои се расфрлани низ илјадници адреси на повеќе блокчејни“, се вели во соопштението на ФБИ.
Се додава дека овие средства се очекува да бидат испрани и претворени во фиат валута, пренесува АП.
Според американската влада, во кражба на почетокот на овој месец насочена кон Бајбит, една од најголемите крипто берзи во светот, наводно биле вклучени Трејдер Трејтор (TraderTraitor) и Лазарус Груп (Lazarus Group).
Хакерите крадат криптовалути со „ширење на апликации за тргување со криптовалути кои се модифицирани за да вклучуваат малициозен софтвер кој ја олеснува кражбата на криптовалути“, соопшти ФБИ.
Бајбит ја потврди изјавата на ФБИ и рече дека рутинскиот трансфер на етереум, една од најпопуларните криптовалути, од таканаречен „ладен“ или офлајн паричник бил „манипулиран“ од напаѓач, кој ја префрлил криптовалутата на неидентификувана адреса.
Компанијата за анализа на блокчејн Сертик (Certik) ја опиша кражбата како „најголема“ во историјата на блокчејн трансакциите, а кражбата предизвика пад на вкупните цени на криптовалутите во последните денови.
Северна Кореја украла околу 1,2 милијарди долари криптовалути и други виртуелни средства во последните пет години, според јужнокорејската разузнавачка агенција, кои Пјонгјанг наводно ги користи за финансирање на својата нуклеарна програма.
Експертска комисија на ОН соопшти дека во два посебни случаи истражува 58 наводни сајбер напади од Северна Кореја меѓу 2017 и 2023 година во кои се украдени околу 3 милијарди долари за финансирање на оружје за масовно уништување.