Сирискиот претседател Ахмед ал Шара во вторник повика на национално единство и заштита на територијалниот интегритет на земјата.
„Сирија е неделива, таа е единствен ентитет“, рече Шара во говорот на Конференцијата за национален дијалог во главниот град Дамаск.
Тој нагласи дека единствената контрола на државата врз вооружените сили не е луксуз, туку должност и обврска, предупредувајќи на обидите да се поткопаат достигнувањата на сирискиот народ.
„Мораме одлучно да застанеме против секој кој ја загрозува нашата безбедност и единство“, додаде тој.
Зборувајќи за неодамнешните случувања, Шара истакна: „Сирија помина низ болка, страдање и тешки економски, социјални и политички последици, но потоа дојде благословената сириска револуција со јасна победа и голем триумф. Сирија сега му се врати на својот народ, откако беше отуѓена во момент на невнимание“.
Тој ги повика граѓаните да бидат трпеливи и заеднички да придонесат за обнова на државата.
„Должност на сите Сиријци е да придонесат“, рече тој.
Министерот за надворешни работи Асад ал Шајбани истакна дека Дамаск нема да толерира каков било обид за поткопување на сирискиот суверенитет, повикувајќи на укинување на санкциите и привлекување нови инвестиции.
„Нема да прифатиме никаква закана за нашиот суверенитет и идентитет“, рече Шајбани.
Тој додаде дека Сирија ќе гради односи со сите страни кои ја почитуваат волјата на сирискиот народ.
„Сирија се соочи со најголемите предизвици и е способна да гради односи кои ќе им служат на интересите на нејзиниот народ и ќе ја вратат водечката улога во регионот“, заклучи тој.
Европската унија во понеделникот објави дека ги суспендира санкциите кон Сирија во енергетскиот, транспортниот и банкарскиот сектор за да ја поддржи обновата на земјата по падот на режимот на Башар ал Асад.
Асад, кој владееше со Сирија речиси 25 години, побегна во Русија откако антирежимските групи ја презедоа контролата врз Дамаск на 8 декември, ставајќи крај на владеењето на партијата Баас, која беше на власт од 1963 година.
Шара, кој беше назначен за претседател на 29 јануари, го задолжи Мухамед ал-Башир да формира влада која ќе ја води Сирија низ преоден период.