Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговиот српски колега Александар Вучиќ во вторникот разговараа за регионални и глобални прашања, како и за билатералните врски.
Истакнувајќи дека пријателството и солидарноста меѓу двата народи се зајакнаа, Ердоган изрази надеж за „што е можно поскоро воспоставување нова влада во Србија и за одржување на мирот и стабилноста“, соопшти Директоратот за комуникации на Туркије на Х.
Ердоган, исто така, рече дека Анкара ќе продолжи да ги развива билатералните односи со новата влада, се додава.
„Претседателот Ердоган изјави дека заедничките напори направени за зголемување на областите на соработка меѓу двете земји, особено во одбранбената индустрија, се очекува да вродат со плод во блиска иднина“, се вели понатаму.
Српскиот претседател Александар Вучиќ му го честиташе роденденот на турскиот колега Реџеп Таип Ердоган и рече дека добрите односи меѓу Србија и Туркије се од големо значење за натамошниот развој и стабилност на Балканот и поширокиот регион.
„Му го честитав на претседателот Ердоган неговиот 71 роденден, посакувајќи му добро здравје и континуиран успех во водењето на Република Туркије во овие тешки моменти. Имавме конструктивен и пријателски разговор на многу теми поврзани и со нашата успешна билатерална соработка и со глобалните предизвици со кои се соочуваме“, напиша Вучиќ на Инстаграм.
Тој додаде дека во телефонскиот разговор со Ердоган разговарал за натамошно зајакнување на динамична економска соработка, како и за соработка во областа на инфраструктурата и енергетската безбедност.
„Се осврнавме на прашањето за економската соработка, со фокус на поттикнување инвестиции и развој на капитални проекти во стратешките сектори, како и промовирање на туризмот меѓу нашите земји. Многу сме почестени што Туркије го потврди своето учество на ЕКСПО27, убедени дека нејзиното богато културно наследство значително ќе придонесе за квалитетот и разновидните содржини на изложбата, на која сме горди што сме домаќини“, рече Вучиќ.
Вучиќ му честиташе и на Ердоган за успешно одржаниот конгрес на владејачката Партија на правдата и развојот во Анкара и постигнатите резултати кои дополнително ќе придонесат за обезбедување мир и стабилност во земјата и регионот.
„Со оглед на сите предизвици со кои се соочува светот, јасно е дека нашите добри односи се од големо значење за натамошниот развој и стабилност на Балканот и поширокиот регион. Убедени сме дека со заедничка работа ќе продолжиме да придонесуваме за мирот, стабилноста и просперитетот во нашите земји и на меѓународната сцена“, заклучи Вучиќ.