Предвидената прес-конференција меѓу претседателот на САД, Доналд Трамп и неговиот украински колега Володимир Зеленски е откажана, соопшти Белата куќа, по тензичната средба во Овалната соба меѓу двајцата претседатели.
Трамп вечерва ненадејно ја прекинал средбата во Белата куќа со Зеленски, откако лидерите имале жестока размена на зборови која ги нарушила клучните преговори.
Според Фокс Њуз, Трамп побарал од Зеленски да ја напушти Белата куќа.
„Денеска имавме многу важен состанок во Белата куќа. Се научија многу нешта што никогаш не би можеле да се разберат без да се разговара под таков оган и притисок. Неверојатно е она што излегува преку емоции, и јас утврдив дека претседателот Зеленски не е подготвен за мир ако Америка е вклучена, бидејќи тој верува дека нашето учество му дава голема предност во преговорите“, рече Трамп на социјалните мрежи.
„Не сакам предност, сакам мир. Тој не ги почитуваше Соединетите Американски Држави во нивната ценета Овална канцеларија. Може да се врати кога ќе биде подготвен за мир“, додаде тој.
За време на неговата средба со Трамп во Белата куќа, Зеленски влезе во жестока расправија со Трамп и американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, кои постојано го обвинуваа украинскиот лидер дека е неблагодарен за поддршката на Американците за Украина.
И од кабинетот на Зеленски потврдија дека е откажана прес конференцијата.
„Заедничката прес-конференција на американскиот претседател Доналд Трамп и Зеленски е откажана. Претседателот на Украина предвреме ја напушти Белата куќа“, објави Серхи Лешченко, советник на началникот на кабинетот на претседателот на Украина на Телеграм.