Лигата на шампионите влегува во својата нокаут-фаза, а веќе на стартот е „финале пред финалето“. Манчестер Сити и Реал Мадрид, двата последни освојувачи на титулата, неочекувано се најдоа во баражот за осминафинале, што значи дека еден од големите фаворити ќе го напушти натпреварувањето порано од планираното.
Ова ќе биде четврти судир меѓу Сити и Реал во последните пет сезони, што го прави нивното ривалство едно од највозбудливите во последната деценија.
Поразите од ПСЖ (4:2) во ЛШ и Арсенал (5:1) во Премиер лигата ги разбудија сомнежите во способноста на „граѓаните“ да ја одбранат титулата.
По тешкиот пораз во Ел Класико од Барселона (5:2), тимот на Карло Анчелоти влезе во нова серија победи, но последните три натпревари покажаа дека и „кралевите“ се ранливи.
Покрај дербито во Манчестер, Лигата на шампионите нуди уште неколку интересни дуели. Брест ќе се обиде да приреди чудо против моќниот ПСЖ, но реалноста е дека францускиот првак е апсолутен фаворит.
Во Лисабон, Спортинг ја пречекува Борусија Дортмунд.
По заминувањето на тренерот Рубен Аморим, Спортинг не е истиот тим – има победи, но и порази кои покажуваат дека нема континуитет.
Дортмунд, од друга страна, е во голема криза, се наоѓа на 12. место во Бундеслигата и неодамна го смени тренерот.
Во Торино, Јувентус ќе се соочи со ПСВ Ајндховен.
„Старата дама“ под водство на Тијаго Мота се мачи со посилните противници, но ова е идеална шанса да покаже дека може да се носи со најдобрите.
УЕФА, пак, вчера ја претстави новата официјална топка со која ќе се играат нокаут-фазата и финалето од Лигата на шампионите. Дизајнот на топката е инспириран од градот-домаќин на финалето, Минхен.
„Минхен, како домаќин на финалето, послужи како инспирација за дизајнот на новата топка Аdidas Pro Ball Munich, која ќе се користи во елиминациската фаза на Лигата на шампионите“, соопшти УЕФА.
Топката има карактеристичен дизајн со бели ѕвезди и шестоаголници во светлозелена и бакарна боја, кои асоцираат на архитектурата и покривите што го обележуваат градот. Внатре во панелите се наоѓаат мали графики со симболи карактеристични за Баварија, како што се: Алпите, Палатинскиот лав, цветот еделвајс, Англиската градина и хмељот.
Новата топка содржи бројни технолошки иновации, користејќи рециклиран полиестер и мастило на база на вода. Биоматеријалите се застапени во најголем процент досега во историјата на официјалните топки за Лигата на шампионите.
Двојки од плејофот во ЛШ 11.02.2025:
Брест- ПСЖ 18.45 часот
Манчестер Сити- Реал Мадрид 21 часот
Јувентус- ПСВ Ајндховен 21 часот
Спортинг Лисабон- Борусија Дортмунд 21 часот