Грчката полиција употреби солзавец врз демонстрантите кои фрлаа молотови коктели на протестот по повод втората годишнина од железничката несреќа во Темпе во која загинаа 57 лица.
Демонстрантите носеа црни балони и транспаренти со пароли како: „Вие броите добивки. Ние броиме животи“.
Протести се одржуваат во десетици градови низ Грција.
Десетина илјади демонстранти се собраа во петокот на плоштадот Синтагма во Атина за да го изразат своето незадоволство од воочените недостатоци во спроведувањето на правдата две години по железничката несреќа.
За време на протестите и штрајковите, летовите беа приземјени, а поморскиот и копнениот транспорт низ целата земја беше запрен, додека деловните субјекти беа затворени, а театрите ги откажаа претставите до раните утрински часови.
На 28 февруари 2023 година, патнички воз директно се судри со товарен воз во близина на градот Темпи, во северна Грција.
Две години по судирот на возот, причината за несреќата се уште не е разјаснета.
Официјалниот биланс на загинати е 57, вклучувајќи многу студенти и девет членови на екипажот на возот.
ГСЕЕ, најголемиот синдикат во приватниот сектор, рече дека повикал на штрајкот „конечно да се спроведе владеењето на правото, за да нема прикривање и за одговорните да бидат казнети“.
Истрагата за несреќата се уште е во тек и никој не е осуден, а владата на премиерот Киријакос Мицотакис ја отфрла одговорноста, одбивајќи да побара парламентарна истрага за политичка одговорност.
Владата во Атина тврди дека судството треба да ја истражи несреќата, а Мицотакис вели дека објавите на социјалните мрежи имаат за цел да предизвикаат политичка нестабилност во земјата.
Во анкетата спроведена претходно оваа недела, 82 отсто од Грците изјавиле дека железничката несреќа е „едно од најважните“ или „најважните“ прашања во земјата, а 66 отсто рекле дека се незадоволни од истрагата за несреќата.