Катедрата за македонски јазик и литература на Факултетот за јазик, историја и географија при Универзитетот „Анкара“ организираше конференција под наслов „Турско-македонските односи“, известува Анадолу.
Воведниот говор на конференцијата одржана во Салата „100-годишна“ на Универзитетот „Анкара“ го одржа ректорот, проф. д-р Неџдет Унувар, а по него се обрати и раководителката на Катедрата за македонски јазик и литература, проф. д-р Мелахат Парс.
На конференцијата како говорник учествуваше и поранешниот претседател на Северна Македонија, проф. д-р Ѓорге Иванов.
Во својот говор на отворањето, ректорот Унувар изјави дека Османлиите направиле многу дела во Северна Македонија и додаде:
„Северна Македонија ја стекна својата независност во 1991 година. Ние секогаш ги гледаме трагите на нашето историско единство. Како Туркије, продолжуваме да го браниме територијалниот интегритет и суверенитет на Северна Македонија и да вршиме меѓусебни посети.“
Истакнувајќи дека му придаваат значење на македонскиот јазик и литература во областа на образованието, ректорот Унувар рече дека голем број студенти од Северна Македонија студираат на Универзитетот „Анкара“.
Раководителката на Катедрата за македонски јазик и литература, проф. д-р Парс, истакна и дека македонскиот јазик и литература, како нова гранка на науката, служи како мост меѓу Туркије и Северна Македонија и дека се обидуваат да го пренесат богатството на двете култури и заедничката култура.
Туркије има клучна позиција и во решавањето на глобалните кризи
Главниот говорник на конференцијата, проф. д-р Иванов, истакна дека Отоманската Империја оставила длабоки траги на Балканот и додаде:
„Отоманската Империја остави богато наследство во Северна Македонија што може да се види и денес. Северна Македонија е земја која беше домаќин на различни култури во тоа време, а тоа продолжува и денес.“
Потсетувајќи дека Евлија Челеби ја вклучи и Северна Македонија во своето дело „Сејахатнаме“ (Патопис), Иванов рече дека во ова дело има многу детали од секојдневниот живот на македонското општество.
Проф. Иванов рече дека во балканските јазици има зачувано голем број турски зборови и додаде дека „во македонскиот јазик се сочувани 6.000 турски зборови, а од нив 3.000 сѐ уште се користат“.
Истакнувајќи дека турските инвестиции овозможиле вработување на над 10.000 луѓе во Северна Македонија, Иванов истакна дека Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), Институтот „Јунус Емре“ (JEE) и Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ) имаат спроведено значајни проекти во земјата.
„Туркије отсекогаш ги поддржувала процесите на Северна Македонија во Европската Унија (ЕУ) и НАТО. Туркије, како регионална сила, игра важна улога во политичките случувања. Туркије има клучна позиција и во решавањето на глобалните кризи“, истакна Иванов.
Конференцијата се одржа во соработка со Стопанската комора на Анкара (АТО), Фондацијата „Балкан“ и Здружението за култура и солидарност на луѓето од Румелија на Анкара.