Американската технолошка корпорација Мајкрософт во мај ќе ја затвори популарната апликација за видео повици Скајп.
Како што објави американскиот технолошки портал ХДА Девелоперс, најновото ажурирање на Скајп содржи предупредувачки текст за претстојното исклучување на оваа апликација.
„Почнувајќи од мај, Скајп повеќе нема да биде достапен. Продолжете со вашите повици и разговори во Тимс“, се наведува во соопштението.
Потоа следи забелешка дека одреден број „ваши пријатели веќе се префрлија на Тимс бесплатно“, веројатно врз основа на контактите на корисникот.
Мајкрософт одби да даде коментар.
Скајп првпат беше лансиран во 2003 година, а Мајкрософт ја купи апликацијата во 2011 година.
Неколку години подоцна, американскиот технолошки гигант од Редмонд прекина со некои од своите производи за внатрешна комуникација, како што е Виндоус Лајв Месинџер, а во 2015 година се обиде да го интегрира Скајп во оперативниот систем Виндоус 10.
Овој процес беше сложен и траеше девет месеци, а во 2017 година, Мајкрософт ја лансираше платформата Тимс, која делумно беше инспирирана од Скајп и почна да ги презема нејзините главни функции.