Палестинската група на отпорот Хамас денеска објави дека размената на палестински затвореници за телата на израелските заложници ќе се одвива преку „нов механизам“ кој гарантира почитување на Израел.
Датумот на размената ќе биде објавен во догледно време, се додава во соопштението на Хамас, пренесува Ројтерс.
Хамас, исто така, објави дека не добил предлог за втора фаза од договорот за прекин на огнот во Газа и покрај неговата подготвеност да продолжи да го спроведува за да ги заврши сите договорени фази.
Египетски извор денеска изјави дека посредниците постигнале договор за ослободување на палестинските затвореници кои израелските власти првично планирале да ги ослободат минатата сабота, во исто време кога Хамас ќе ги предаде телата на израелските заложници.
Почетната фаза од договорот за прекин на огнот, започнат со поддршка на САД и со помош на египетските и катарските посредници на 19 јануари, треба да заврши во сабота, а засега не е јасно што ќе се случи потоа.
Досега, 29 израелски заложници - плус пет Тајланѓани - се ослободени во замена за стотици палестински затвореници, а предавањето на телата на уште четворица заложници, првично планирано за четврток, сè уште се чека.
Официјален претставник на Хамас претходно вчера изјави дека доцнењето на израелското ослободување на околу 600 палестински затвореници претставува „сериозно кршење“ на договорот за прекин на огнот во Газа и дека разговорите за втората фаза од договорот не се можни додека не бидат ослободени.