Францускиот претседател Емануел Макрон ја повика Европа да се спротивстави на вазалскиот однос кон САД, нагласувајќи ја потребата за единство и стратешка автономија во услови на интензивирање на трансатлантските разговори за Украина.
За време на дводневната државна посета на Лисабон, Макрон ги повика Европејците да го откријат чувството на ризик, амбиција и моќ како одговор на несигурноста околу американската политика.
„Гледам многу луѓе во нашата Европа како велат: „Ќе мораме да бидеме добри со Американците, ќе помине, мора да се поклониме“, рече вчера Макрон.
Тој нагласи дека е важно Европа да донесе „длабоки одлуки“ на полето на технологијата, индустријата и одбраната со цел да ја зајакне својата глобална позиција.
Претходно обраќајќи се во португалскиот парламент, Макрон повтори дека Европејците мора да бидат „пообединети и посилни од кога било“.
“Посетата на Макрон на Португалија - прва на шеф на француска држава во повеќе од 25 години - има за цел да ги продлабочи билатералните врски”, се вели во соопштението од Елисејската палата.
Двете земји треба да потпишат „договор за пријателство и соработка“, заедно со договори во секторите како што се науката, филмот и одбраната. Ова го вклучува планираното купување до 36 топови Цезар од страна на Португалија до 2034 година.
Португалскиот премиер Луис Монтенегро ги пофали дипломатските напори на Макрон, особено во однос на Украина, истакнувајќи ја неговата извонредна работа во промовирањето на мирот и стабилизирањето на конфликтот.
Макрон, од друга страна, посочи дека француско-португалскиот однос е столб на посилна Европа, истакнувајќи дека Франција е водечки странски работодавец во Португалија.
Лидерите ја повторија својата посветеност за зачувување на океаните, ветувајќи заеднички напори против нелегалниот риболов и заговарајќи мораториум на експлоатација на минерали од морското дно.